Битола Шекспир Фестивал 2015

20.07.2015 – Прес

 

22.07.2015 НУ НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА

Отворање – Антоние и Клеопатра

Кога сум во немилост каj судбината и очите на светот, над отпадништвото свое самиот солзи леам, со плачот jалов го тревожам небото клето се гледам себеси и клетви врз среќата сеам; сакам во надежта да сум богат ко оноj, ко овоj убав, колку оноj од луѓето сакан, умешноста на онега jа сакам, моќта на овоj а гледам ништо не ми поаѓа од рака; сепак вака заутен ако на тебе се сетам се презирам веднаш, и тогаш моjата душа ко чучурлига в зори првнува и лета со песна славеjќи го небото што jа слуша. Штом ми текне за љубовта не ме држи место Но во тебе занесен не би се менувал ни за кралски престол.
В. Шекспир
Наместо обраќање за Третиот Битола Шекспир фестивал

Благоj Мицевски, уметнички директор
РЕЖИЈА: ЏОН БЛОНДЕЛ Шекспир во 1606 г. ja напиша oваа голема трагедија како последна од низата четири неверојатни трагедии што  претходеа: Отело, Крал Лир и Магбет. Многумина (како и јас лично) ја сметаат Антоние и Клеопатрa како најтешка драма, но истовремено и како највозвишено уметничко достигнување на Шекспир. Таа ги поместува границите на сцената до една критична точка, претставувајќи еден опсег на дејство и ситуации кои не можат да се споредат со ниту една друга драма, не само на Шекспир туку воопшто и опишува неверојатно комплексни ликови -богато нијансирани и постојано контрадикторни.

Антоние и Клеопатра го прикажува опојното влијание на Моќта и Копнежот, како и сеизмичките промени кои се појавуваат во поголемиот дел од цивилизираното општество кон залезот на последниот милениум пред новата ера. Па, и во поглед на вербалната поезија, таа претставува  најголемиот дострел на Шекспир. Познатиот англиски академик и критичар Г. Вилсон Најт ќе каже  „кога станува збор за таква поезија, ние сме с помалку свесни за с останато освен за онаа турбулентна моќ, бранувањата и крешендата од длабочините надвор од границите на вербалната дефиниција и како што се развива, енергијата се насобира во еден колосален бран на страст, а темпото и жестината растат“. Оваа изведба се обидува да ја скроти таа турбулентна енергија на драмата и да создаде бран на страст кој ќе се издигне, ќе се  разбранува и плисне во публиката. Ми претставува огромно задоволство и чест да бидам режисер на првото поставување на оваа драма на македноски јазик, преку еден нов и моќен превод на неспоредливиот Драги Михајловски и на мое огромно воодушевување, да соработувам со извонредните уметници од Народниот театар Битола.

Џон Блондел, режисер

 

23.07.2015

Имагинариум

 

 

 

23.07.2015  НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ – СОМБОР, СРБИЈА

Многу Врева за Ништо
Нашата претстава е конструирана како сон. Тоа не е индивидуален сон, со кој поединечното несвесно  се обраќа на личноста на сонувачот, тоа е сон што го сонува целото човештво, и тоа еден посебен вид „компензирачки сон“, сон што ја прикажува стварноста таква каква што би требало да биде. Сонот е низа слики во движење што влијаат на исконскиот инстинкт и на фантазијата, и тоа со сила што поттикнува на дејствување, сила што ја осветлува душата со ирационален оптимизам, ги прочистува емоциите од сè што е ситно, банално и што блокира. Во нашата претстава треба да се спаси едно венчавање, спојување на два пола во заедница на љубов, мистичен чин на победа на хармонијата над хаосот; венчавање како симбол на триумфот на целоста над светот што е распарчен на машко и женско, на бело и црно, на ум и чувство, на горе и долу, лево и десно; венчавање како духовна и емотивна појава – момент кога две личности се спојуваат во меѓусебно апсолутно прифаќање. Секое битие што некогаш ја здогледало светлината на денот стреми кон совршенство. Го носи тој стремеж како запис во личноста, без разлика дали е свесно за тоа или не. Човечкото битие цел живот го минува во потрага по тоа чувство на совршенство. А на тој негов пат, сè стапило во заговор да го оддалечи од целта. Силите на хаосот непрекинато и неумоливо нè искушуваат и стремат да ја поткопаат целоста.

 

 

 

Тие сили се во нас. Тие се дел од природата на човекот. Тие се упорни и никогаш не даваат да бидат победени до крај. Во нашиот „сон“, во таа „маѓепсана градина“ венчавањето го спасуваат лудаци. Наши херои се оние што светот го гледаат како „будали“. Една голема неправда што води кон катастрофа ја поправаат инфериорните, умствено и физички слабите, неуките, угнетените, зашто лудите во нас и околу нас подобро ја гледаат стварноста и нејзината вистина отколку мудрите и учените. Она што е во нас детинесто, будалесто, изопштено, пијаниот дел од нас што си игра, што замислува, што фантазира и непречено е во алогично препуштање на љубовта кон животот онаков каков што е, тој дел од нас гледа сè.

Ана Ѓорѓевиќ

 

 

Работилница за развивање на драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир во соработка со ИТИ центар Македонија, ИТИ Центар Хрватска

Модератор: Иванка Апостолова, локален ко-организатор ИТИ центар, Македонија

Предавач: Рандал Мартин – шекспиролог, Канада

Учесници: Билјана Крајчевска – драматург, Македонија
Јован Ристовски – режисер, Македонија
Анѓелчо Илиевски – режисер, Македонија
Мирна Рустемовиќ – драматург, Хрватска
Ивана Стојковска – перформер и политиколог, Македонија

Актери од НУ Народен театар Битола, Македонија  Лит Мун театарска компанија – Санта Барбара, Калифорнија, САД

 

 

25.07.2015 НОВА СЦЕНА ЛИТ МУН ТЕАТАРСКА КОМПАНИЈА – САНТА БАРБАРА, КАЛИФОРНИЈА, САД

РЕЖИЈА: ЏОН БЛОНДЕЛ

Хамлет го зазема централното место во репертоарот на Лит Мун, поставуван повеќепати од 2001 г. па до денес. Претставата започна со сценографот од Чешка, Милон Калис, со кого театарот имаше постојана соработка од почетокот на 2000 г. сè до неговата прерана смрт во 2006 г. Претставата е почитувана и призната како локално, така и интернационално и се изведувала на многу фестивали, како: Интернационалниот фестивал во Народниот театар на Кина, Гдањск Шекспир фестивалот, Фајрман театарот во Прага, Монтреал Вајлдсајд фестивалот и Монтреал Фринџ (награда за најдобра изведба).

Во оваа изведба може да се забележат бројни театарски елементи кои претставуваат белег на театарот, како: физички пристап кон глумата, екстремен драматуршки пристап кон класичите текстови и моќен визуелен пристап кон Шекспир. Во фокусот на претставата е сценографијата од хартија која создава една мембрана меѓу животот и смртта и станува дел од драмското дејство. Хартијата на почетокот е чиста и недопрена, но на крај… ќе погледнете… Возбудата е огромна што сме тука да го прикажеме нашиот Хамлет пред извонредната публика во Битола.

 

26.07.2015 НУ ТУРСКИ ТЕАТАР – СКОПЈЕ, МАКЕДОНИЈА

РЕЖИЈА: AЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ
Прашањето што денеска значи љубовта, сонот, илузијата, идеологијата не засега сите, а сонот е составен токму од овие елементи. Сонот во некој смисол е и радикален, бидејќи ние го напуштивме сонувањето, кое е дури и демоде. Денес соништата не можеме да ги најдеме на пазарот. Светот на фантазијата, митовите, потсвеста – за мене светот на убавината – е обвиткан со завеса, зад која ретко погледнуваме. Во оваа претстава не сакавме до крај да ги одвоиме стварноста и сонот; во целина претставата можеби е сон на еден стар човек, можеби на Пук, а можеби и на актерот кој го играл Пук.

Јас оваа претстава ја гледам како една сфера, во која има уште една сфера и уште една… Сон во сонот сон… Овој сон продолжува се  до крајот на монологот на Пук, кој го “позајмивме” од Просперо, бидејќи Просперо истовремено е и Пук, како што Сон на летната ноќ и Бура на места е истиот текст…

Александар ПОПОВСКИ

 

27.07.2015 МАЛА СЦЕНА

СОЛО ПЕРФОРМАНС, ГИ СОНЕН АМСТЕРДАМ, ХОЛАНДИЈА

Што и да ми дава или зема уметноста и каде и да ме однесе, од самиот почеток до крај – тоа е секогаш љубов! Што и да му донесе животот на светот, убавина, раѓање или глад што разорува, деменција, уништени врски, предавство, самотија, болка, гнев, војна, ништожност, смрт – каква и да е мизерија, љубовта ќе е секогаш присутна. Вил Шекспир во својот сонет ја надминува секоја болка, ја надминува смртта, да, оди подалеку од бесконечноста, зашто љубовта e поткрепа на сè – сè до самиот крај.

Неизмерна благодарност до Карла Шу, Маријан Неќак и Благој Мицевски. Инспириран од сонет 116, В. Шекспир.

Ги Сонен

 

 

 

28.07.2015  ДРАМСКИ ТЕАТАР – ГАБРОВО, БУГАРИЈА
РЕЖИЈА: ПЕТРИНЕЛ ГОЧЕВ Приказна што прераскажува за секого од нас, секој што имал шеснаесет –тоа е тајната на Ромео и Јулија. Приказна за Ромео- за момчето со луда љубов, со луда крв и брз замав на сечилото. Приказна за она девојче- за онаа Јулија којашто со непобедлива решителност ги урива сите препреки што  го запираат стрмниот поток на љубовта. За Ромео да се удави во нејзината љубов, за Јулија да се удави во неговата. Какви се сите секојдневни драми, драмите за суштествувањето, за постоењето, за зависта, какви се оние за мирот? Какви се сите забрани и сите слободи во различните држави и кралства? Какви се сите надежи и сите стравови? Каква е смртта пред љубовта на едно

момче и едно девојче? Чад, сенки ,воздишки…кога се давам во љубовта на мојата Јулија, на таа толку чудна возраст-шеснаесет години и ни секунда повеќе. И ако ја пронајдам мојата Јулија на некој бал, на некоја улица или во дното на некој темен ходник како мафта победоносно со своето коњско опавче и тајно си игра со куклите… и … ако ја пронајдам таа моја Јулија, кој е тој што може да ме спречи и кој би се обидел да ме одврати да се втурнам во љубовта и да го занемарам останатиот изолиран свет.
Петринел Гочев – режисер

 

Шекспир Фестивал – Театарски гласник

Радоста да се игра Шекспир

Со читањето на Сонет 26 од В. Шекспир, се отвори овогодинешниот  итернационален, трет по ред, Битола Шекспир фестивал (22 јули – 28 јули 2015г.).

Идејата на Битолскиот театар, за основањето на овој фестивал сега веќе јасно се воочува: се создаде еден токму таков исклучителен простор за „шекспировска сцена” на која (ќе) се прикажуваат современи светски театарски изведби работени по делата на Вилијам Шекспир. Водени од таквата желба Битола Шекспир фетсивалот стана едно од најзначајните културни збиднувања во земјава, а и пошироко.

Првото и второто издание на овој фестивал (2013г. 2014г.), како проект поддржан од Министерството за култура на РМ и општина Битола, поминаа со голем успех. Зедно со македонските, беа претставени околу 16 продукции на тетарите од Албанија, Велика Британија, Кина, Мексико, Русија, САД, Србија,  Турција, итн. Третото издание на фестивалот им се приклучува со шест изведби на шекспировите дела и тоа гостувања од Бугарија, САД,  Србија, Холандија  и секако наши домашни остварувања.

На овој фестивал, покрај тековната програма, под раководство на значајниот шекспиролог Мартин Рандал (Канада), во соработка со ИТИ центарот од Македонија и тетарската компанија Лит Мун од САД  во присуство на  едукатори и уметници  од различни области покрај театaрската (Модератор: Иванка Апостолова, Билјана Крајчевска – драматург, Јован Ристовски – режисер, Анѓелчо Илиевски – режисер, Мирна Рустемовиќ- драматург, Хрватска, Ивана Пуруса – перформер и политиколог, aктери од НУ Народен театар Битола и Лит Мун театарската компанија од Санта Барбара, Калифорнија, САД ) се одржа повеќедневна работилнца за развивање на драмски текст инспириран од Сонетите на Шекспир.

Идејата на оваа интернационална соработка која овозможи простор за размена на искуства и учења на светските театарски процеси (балкански, европски, американски) е разработка на Шекспировите сонети, а потоа создавање услови

во кои истите би станале драмска предлошка или инспирација за театарска изведба составена од два дела која во тековната година ќе се работи на два континенти: Лит Мун театарот ќе ја подготвува во Санта Барбара, а вториот дел НУ Народен театар Битола на матичната сцена. Претставата составена од „комбинацијата” на овие две  различни култури својата Европската премиера ја очекува на Битола Шекспир фестивалот во 2016г. додека американската на есен во Санта Барбара 2016г.

Оваа работилница посветена на Шекспировите сонети, не придонесе само еден нов аспект на истражување, туку и прилог кон нивното модерното толкување со деконструкција на оригиналниот  текст на сонетот преку длабоки емотивни, естетски, интелектуални, идеолошки и формални причини и последици. Најпосле, преку овој вид на работилници им се овозможи на стручната јавност да се запознае и со нови методи и гледишта во проучувањата на обемниот и епохален опус на Шекспир кој е единствен по убавината на своите сижеа,  во најфиното толкување на човечките особини и постапките на трагичните и комичните јунаци.

На битолската „Шекспировска сцена”  која секогаш е сè повеќе значна имавме можност да погледнеме различни изведби и интерпретации: привлечни необични решениа, ефектно претерување со задача да се испитаат границите на комичното, режисерски концепти во кои се користат и нетеатарски  елементи преплетувајќи го класичниот Шекспир со цитати на поп културата и различни жанрови, со еден збор од сериозно и продлабочено читање на Шекспир до луцидно толкување на симболи и идеи.

Трагањето по вистинитоста на животот, позицијата на обичниот човек спрема сопствените чувства, одлуките и егзистенционалните проблеми со кои и денес се бориме се темите на шесте стилски различни претстави кои зедоа учество пред многубројната публика, на овој трет по ред „интернационален театар”.

Куриозитет претставува премиерната изведба и воедно прва поставка на оваа  историска трагедија кај нас во Македонија.

 

22 јули 2015г.

Антоние и Клеопатра

(режија Џон Блондел, НУ Народен театар Битола)

Свет на страсти и судбина. Свет во кој лесно и просто се губат животи, држави, се менуваат позиции, се напуштаат  жените, мажите, љубовниците, се  изневеруваат пријателите, се сака власт.

Антоние и Клеопатра на Џон Блондел е изведба на промени. Примамлив естетски концепт: во првата половина претставата е комедија, а  вториот дел преминува во трагедија.

Додека една сцена се претопува во друга, се доловува филмскиот ритам на претставата, како и нејзиниот надреален карактер- ликовите со промената на атмосферата се претвораат во некој друг- лик, сепак постепено приближувајќи се до сопствената пропаст.

Комплексните карактери сега само осуммината актери, и во време од околу час и половина, се искреирани до крај: низ игра која ја остварува суштината на идејата за секогаш опасните страсти за моќ и копнежот по љубов.

 

23 јули 2015г.

Многу врева за ништо од В.Шекспир

(режија Ана Ѓорѓевиќ, Народно позориште – Сомбор, Србија)

Шекспировиот хумор не е пакослив туку  инвентивен и ослободувачки, неговата комедија е час лудорија, час остроумна духовитост… Како јазик што се учи во детството или во сонот.

Ана Ѓорѓевиќ ,  својот концепт на оваа комедија го сместува во ониричка рамка во која сè што се случува во  чистата љубов на младиот пар  станува релативно, а злото што им го чинат завидливите станува прераскажано, литерарно. Актерите играат со посебен отклон кон комедијата на апсурдот и со голема умешност што треба да ја претстави двојната природа на сонот во кој сите страсти се сенки на сцената која станала игралиште за секоја интрига.

„Во нашиот „сон“, во таа „маѓепсана градина“ венчавањето го спасуваат лудаци. Наши херои се оние што светот го гледаат како „будали“. Една голема неправда што води кон катастрофа ја поправаат инфериорните, умствено и физички

слабите, неуките, угнетените, зашто лудите во нас и околу нас подобро ја гледаат стварноста и нејзината вистина отколку мудрите и учените.” (А.Ѓ.)

 

25 јули  2015 г.

Хамлет  од В. Шекспир

(режија Џон Блондел, Лит Мун театарска компанија – Санта Барбара, Калифорнија, Сад)

Секоја генерација е должна да има свој Хамлет, зашто тој е еден од најистанчените инструменти за објаснувањето и сфаќањето на човечката судбина. За овој Хамлет (прв пат поставен од Лит Мун во 2001 г. исто така од Блондел) велат дека терминот „авангардна класика” не е оксиморон, како порано, но сѐ уште е тешко да се пронајде такво возбудливо, дело кое не само што му пркоси на забот на времето туку, како поминуваат годините, добива поголема вредност.

Денес истиот Хамлет е деконструкција или ремикс на една голема трагедија, каде многу сцени, дијалози и монолози или се отсечени или се извадени од оригиналниот контекст и се поставени на друго место во целата приказна.

На почетокот на претставата, тој седи во публиката кое ја потенцира улогата на Хамлет и неговиот неуморен ум и очајната потреба да ја открие мистеријата –  тој е само обичен човек, буквално еден од нас. Додека целата приказна е раскажана на повеќе или помалку линеарен начин, овие јукстапозиции се изделуваат, ни помагаат да го доживееме неспоредливиот израз на Шекспир на повеќе бодри начини. На пример, Хамлет постојано го започнува својот монолог  „Да се биде или да не се биде“ , за повеќепати да биде прекинат, што е една прекрасна метафора на тоа како во ова брзо општество заситено со информации размислувањето е скоро и невозможно.

 

26 јули  2015 г.

Сон на летната ноќ  од В. Шекспир

(режија, Александар  Поповски, НУ Турски театар – Скопје, Македонија)

„Прашањето што денеска значи љубовта, сонот, илузијата, идеологијата не засега сите, а сонот е составен токму од овие елементи. Сонот во некој смисол е и радикален, бидејќи ние го напуштивме сонувањето, кое е дури и демоде. Денес соништата не можеме да ги најдеме на пазарот. Светот на фантазијата, митовите, потсвеста – за мене светот на убавината – е обвиткан со завеса, зад која ретко погледнуваме.   Во оваа претстава не сакавме до крај да ги одвоиме стварноста и сонот; во целина претставата можеби е сон на еден стар човек, можеби на Пук, а можеби и на актерот кој го играл Пук. Јас оваа претстава ја гледам како една сфера, во која има уште една сфера и уште една… Сон во сонот сон… Овој сон продолжува се  до крајот на монологот на Пук, кој го “позајмивме” од Просперо, бидејќи Просперо истовремено е и Пук, како што Сон на летната ноќ и Бура на места е истиот текст…” (А.П.)

 

27 јули  2015 г.

Сонет 116 од В. Шекспир и песни испирирани од него

(Ги Сонен, Амстердам, Холандија)

 

Неверојатна е моќта на човечкото тело да прераскаже една приказна што говори за смислата. Трагајќи по сопствена интерпретација, заменувајќи ги зборовите и писмото со телото како средство односно како поетско тело, Ги Сонен го изградува овој соло перформанс врз мотивите на Сонет 116 од Шекспир.

Во еден постмодерен оквир приказните, во кои  станува збор за ситниците што во животот (во играта) значат, кореографски се надоврзуваат, дораскажуваат, а во нив телотото со неверојатен жар и задоволство го моделира својот личен однос и исто како што Шекспир во својот сонет ја надминува секоја болка, ја надминува смртта, тоа оди подалеку од бесконечноста, зашто љубовта e поткрепа на сè – сè до самиот крај.

 

28 јули 2015 г.

Ромео и јулија од В. Шекспир

(режија Петринел Гочев,  Драмски театар – Габрово, Бугарија)

Овој прочит на пиесата на однесе во полето на модерниот театар. Непретенциозно, уметнички неусилено но  естетски издржано  тетарско дело со богат сценографски израз: магичен, врзивен и неочекуван.  Величенствено!

Пред очите ни се редат слики кои  не пренесуваат сред куќите на Верона од  стеблата на дрвјата, ликовите одат на котурни, се растураат платна и ја градат арката на храмот. Една искрена игра и полна со ентузијазам и брилијантни актерски остварувања. Куклен театар во театар, силни препратки од комедија дел арте, ефектни режисерски решенија и мобилна сценографија се само дел од Ромео и Јулија на 21-от век створена за современиот гледач кој живее забрзано на работ на комедијата и трагедијата.

*          *          *

Бесценети тетарски искуства го проследија овој трет по ред Битола Шекспир фестивал. Претстави кои создаваат провокација, бесценети дијалози. Публиката уживаше сред оживеаните херои на Шекспир.

Да се чита Шекспир, да се режира, да се игра и да се гледа e животна философија. А тоа  претставува вистинска радост. Затоа е неопходно и во иднина  оваа фестивалска традиција да се продолжи, да остварувaме не само трет туку триесет и трет  итн. по ред Битола Шекспир фестивал.

 

Билјана Крајчевска, драматург