МЕТАМОРФОЗИ

Авторска претстава на Лилија Абаџиева

Режија: Лилија Абаџиева
Сценографија и костими: Васил Абаџиев
Музичко обликување: Лилија Абаџиева
Светло: Игор Мицевски

Играат:

Марјан Ѓорѓиевски
Катерина Аневска
Васко Мавровски
Мартин Мирчевски
Викторија Степановска – Јанкуловска
Никола Пројчевски
Кристина Христова – Николова
Иван Јерчиќ
Филип Мирчевски
Сандра Грибовска

По „Платон“ на А.П. Чехов, „Дневникот на заводникот“ на Серен Киркегор и поезија на Бодлер, Рембо и Кортасар

Фотографија и графички дизајн: Петар Тасевски и Васил Абаџиев
Инспициент: Мирко Лазаревски, светло: Илија Димовски, Игор Мицевски, тон: Александар Димовски, технички директор: Петар Трајчевски

Премиера: 28 и 29 декември 2015

За да дознае нешто за себеси, човек треба да знае се за другите. Не мора да постои расположение, коешто не може да се доживее, ниту пак мртов начин на живо, којшто не може да се оживее. Апсурдно ли е тоа? Според мене не. Кога ни го открива во детљи механизмот на сите дејства, ослободувајќи не на тој начин од самонаметнатата пречка на бремето на моралната одговорност, научниот закон за насладување се претвора во гарант за контемплативно постоење. Тој елоквентно ни покажува, дека најмалку сме слободни кога се мачиме да дејствуваме. Тој закон не оградува со замки и го запишува на ѕидот пророштвото на нашата судбина. Излишно е да го бараме затоа што тој е во нас. Можеби не ќе го забележиме, освен во огледало, во кое што се огледува душата.

Лилија Абаџиева, режисер

ЕЛКА КАЈ ИВАНОВИ

Aвтор: Александар Веденски
Режија: Ѕвезда Ангеловска
Асистент на режија: Јован Ристовски
Превод од руски: Оливера Павловиќ
Сценографија: Валентин Светозарев
Костимографија: Благој Мицевски
Музика: Марјан Неќак
Консултант по танци: Јагода Димовска
Светло: Игор Мицевски

Играат:
Мајката Пузирјова: Менка Бојаџиева
Таткото Пузирјов: Борис Чоревски
Дадилката Настасја: Илина Чоревска
Дуња Шустрова: Елена Моше
Миша Пестров: Иван Јерчиќ
Соња Острова: Соња Ошавкова
Володја Комаров: Борче Ѓаковски
Нина Серова: Јулијана Мирчевска
Петја Перов: Александар Копања
Варја Петрова: Марија Ѓаковска
Беба: Петар Спировски
Надзорник/Полицаец/Судија: Александар Стефановски

Во претставата се користени материјали од делата на Ф.М. Достоевски „Злосторство и казна“, „Младич“ и „Идиот“.

Инспициент: Митко Ивановски
Суфлер: Гордана Михајловска
Премиера: 14.11.2015

,,Да зборуваш апстрактно е сосема лесно, но да ја објасниш стварноста со зборови е многу тешко“ – зен учителот Кјосеи.

 

Сите некогаш бевме деца… сите некогаш ќе се родат и ќе бидат деца, а сите некогаш и ќе останат деца. Деца под едно сонце, деца на една земја планета, деца на еден Создавач. Залудна е поделбата на Големи и Мали, на Богати и Сиромашни, Црни, Жолти или Бели, Умни и Глупави, Боговерници и Безбожници, Убави и Грди, Моќни и Немоќни, Стари и Млади, зашто животот секогаш е живот, смртта е смрт, искуството е искуство, човекот е секогаш човек – онаков каков што е.

Човекот има две страни – темна и светла. Најчесто се плаши да се соочи или да ја прифати најтемната страна во себе и залудно се бори, но кога ќе ја прифати, тогаш станува моќен и се придвижува кон Светлината.

Не можеме да бидеме поголеми од децата за кои пишува авторот Александар Введенски, така само би живееле во илузија дека сме поголеми и од  Сонцето, Земјата, Небото… Или барем да се освестиме дека токму кога мислиме дека сме Големи, тоа се нашите его-состојби, а тие најдобро се идентификуваат во ИГРИТЕ. Животот е игра. Која улога ја играме?

,,Козарев или Магарев?“ (како што вели А.Введенски) Козарев му го вели на Магарев ова, Магарев му го вели на Козарев она, Козарев на… – постојани препирки, што, на крајот, завршуваат во крв.

Од многуте игри се појавува стравот, а најголемиот страв е да се ослободиме од нив и да станеме Ништо на Животната Сцена.

Сè е  игра, а ние постојано ја комплицираме и комплицираме…

Зашто додека живееме, залудно очекуваме нешто од животот, животот се случува во  самото живеење. И тоа не се прераскажува, туку се доживува. Исто како и смртта. Сензација.

Што е со предрасудите, претпоставките, обвиненијата, интригите, осудувањата на туѓите животи? Во споредба со стравот, тие се ништо. Во споредба со големината на Сонцето, се исто така ништо. Само во споредба со твојот, личен живот – се нешто. Значи ли тоа дека си поголем и од самото Сонце? Не. Можеш да бидеш само апсурдно комичен и кога си најфатален со својот став, а најголем во својата болка,  зашто и тоа е игра, каде што треба да се бориш со Сонцето. Ќе победиш? Не знам. Знам само дека Сонцето го победува Мракот, но и без темнината, ќе немаше светлина. Така било, а како ќе биде, повторно не знам.

Сè си мислам дека ние луѓето сме дрвосечачи на самите себеси, а најголемиот апсурд е што речиси секој човек би сакал да има елка, (,,своја елка“ или ,,панделка“…или ,,желка“), а  уште повеќе, таа да е за Божик. Тука сме барем сите еднакви и со тој сон и ќе си умреме.

Ноември 2015
Ѕвезда Ангеловска

 ***

Пиесата „Елка кај Иванови“ од Александар Введенски е едно од најзначајните дела на руската авангарда. Во стилот на овој славен уметнички правец од почетокот на XX век, кој се дефинира како поетика на спротивставување, односно оспорување на традиционалните, класични форми и содржини во уметноста и во општествениот поглед на свет, пиесата на Введенски нуди нова стилско-структурна концепција во градењето на драмското дело, една нова „зачудна драматургија“, каде што акцентот е на онеобичената рецепција на светот – негово согледување од нов агол, со цел да се промени стариот уметнички код и радикално да се влијае на општествениот вкус.

Со нов филозофски поглед на светот, кој се откажува од разумното, т.е. логичното разбирање на светот, тој применува поетика на неверојатното: спој од стилистика на инфантилна наивност, инспирирана од рускиот фолклор, и краен апсурд, бесмислица, во која се бара повисока смисла отколку онаа во традиционално-логичките текстови и „нормалните“ дејствија што тие ги изразуваат.

За таа цел, реализирајќи ја идејата на авангардната литература да го ослободи јазикот од вообичаените стандарди и норми на изразување, Введенски ги истражува новите врски меѓу зборовите, па во текстот има многу примери на нарушување на семантичките врски. Нарушувањата на смисловата и синтаксичката фактура на пиесата, т.е. фонетските и смисловните средства што создаваат чувство на „алогичност“ на текстот – се норма на неговиот јазик. Такви се, на пример, постојаната смена на разговорот, која го обесмислува текот на дијалогот, или случаите на алогично соединување на разни реплики, кои обезбедуваат само привидно единство, дијалози, целосно изградени на обрти итн.

Со таков јазик, за кој не важат законите на секојдневниот говор и размислување, се создава свет што на гледачот му се покажува во необична, превртена форма, во кој се нарушени хиерархијата и системот на традиционални вредности. Во оваа „семејна“ историја се појавуваат деца од 1 до 82 години, дадилка што убива дете, родители што празнуваат во време на смрт… и сите умираат еден по друг. Введенски ја користи смртта како филозофско-естетска категорија што овозможува да се најдеме надвор од времето. Така, еден процес што претставува краен израз на распадот на човекот како ентитет/целина, нè води до обновување, воскреснување на личноста во една нова смисла. Апсурдот во уметничкиот простор што се создава е начин да се дојде до откритие, со чија помош се одгатнуваат и востановуваат изгубените меѓупредметни и меѓучовечки врски. Времето, Смртта и Бог се главните теми на Введенски во оваа парадоксална скаска, која звучи како бладање на Животот пред Смртта, празнична и трагична истовремено.

Применувајќи ја оваа радикална естетска постапка, која води во правец на алогичност на сижето, деперсонализација, апсурдно обликување на ситуациите, црн хумор и метафизичка филозофија, Введенски станува предвесник на еден од најзначајните појави во театарската уметност – прочуениот западен театар на апсурдот.

Оливера Павловиќ

ПОСЛЕДНАТА НОЌ

Ингмар Вилквист
Последната Ноќ

Превод: Ана Светозаров
Режија: Андреј Цветановски
Сцена: Сергеј Светозарев
Костими: Марта Дојчиновска
Музика: Димитар Андоновски
Дизајн на светло : Димче Сапсевски
Дизајн на тон : Александар Димовски
Инспициент: Мирко Лазаревски

Играат:
Соња Михајлова
Марјан Ѓорѓиевски

Премиера: 14.10.2015

Оваа претстава е обид да покажеме што прави надворешниот свет врз домот на едно семејство, како домот се растура под стегите на она што се случува надвор. Една фамилијарна приказна која е фантастично напишана и иако е дуо драма сепак зборува за историјата на човештвото, едно парче живот во кој се случуваат големи потреси во надворешниот свет, а со тоа и во нивниот изолиран внатрешен свет. Психолошка драма која ги напаѓа сите сетила и емоции. Нешто што ги разрушува и уништува сите оние работи што семејството ги гради. Приказна која зборува за поинакво семејство, понижувано смејство кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет.

ТАЈНОТО ОРУЖЈЕ

Братислав Димитров
„ТАЈНОТО ОРУЖЈЕ“

Режија: Ненад Витанов
Сцена: Валентин Светозарев
Костими: Благој Мицевски
Музика: Димитар Андоновски

Играат:

Филип Мирчевски
Никола Тодоровски
Борис Чоревски
Никола Пројчевски
Јулијана Стефанова
Илина Чоревска
Сандра Грибовска

Инспициент: Мирослав Лазаревски
Суфлер: Радојка Димеска

Премиера: 11.9.2015

АНТОНИЕ И КЛЕОПАТРА

В.Шекспир
АНТОНИЕ И КЛЕОПАТРА
превод: Драги Михајловски

Адаптација и режијa: Џон Блондел
Драматург: Билјана Крајчевска
Соработник на текст: Рандал Мартин
Асистент режисер: Јован Ристовски
Сценографија: Валентин Светозарев
Костимографија: Благој Мицевски
Сценски движења: Рисима Рисимкин
Музика: Миодраг Неќак
Светло: Илија Димовски

Лица:
Антоние (триумвир на Рим): Петар Горко
Октавијан Август (триумвир на Рим): Марјан Ѓoрѓиевски
Лепид (триумвир на Рим), Пророкот, Ерос (пријател на Антоние) , Стражар: Борче Ѓаковски
Домитрие Енобарб (пријател на Антоние): Викторија Степановска
Клеопатра, кралица на Египет: Валентина Грамосили
Октавија- сестра на Цезар, Гласник, Војник, Шут: Елена Моше
Хармија (придружничка на Клеопатра): Соња Михајлова
Ира (придружничка на Клеопатра), Гласник, Тидија (пријател на Цезар), Војник, Диомед и Мардијан (евнуси на Клеопатра): Петар Спирковски

Инспициент: Митко Ивановски
Суфлер: Зорка Ѓаковска
Фотографии: Александар Буневски

Премиера 22 јули 2015г.

Шекспир во 1606 г. ja напиша oваа голема трагедија како последна од низата четири неверојатни трагедии што ѝ претходеа: Отело, Крал Лир и Магбет. Многумина (како и јас лично) ја сметаат Антоние и Клеопатрa како најтешка драма, но истовремено и како највозвишено уметничко достигнување на Шекспир. Таа ги поместува границите на сцената до една критична точка, претставувајќи еден опсег на дејство и ситуации кои не можат да се споредат со ниту една друга драма, не само на Шекспир туку воопшто и опишува неверојатно комплексни ликови -богато нијансирани и постојано контрадикторни. Антоние и Клеопатра го прикажува опојното влијание на Моќта и Копнежот, како и сеизмичките промени кои се појавуваат во поголемиот дел од цивилизираното општество кон залезот на последниот милениум пред новата ера. Па, и во поглед на вербалната поезија, таа претставува најголемиот дострел на Шекспир. Познатиот англиски академик и критичар Г. Вилсон Најт ќе каже „кога станува збор за таква поезија, ние сме сѐ помалку свесни за сѐ останато освен за онаа турбулентна моќ, бранувањата и крешендата од длабочините надвор од границите на вербалната дефиниција и како што се развива, енергијата се насобира во еден колосален бран на страст, а темпото и жестината растат“. Оваа изведба се обидува да ја скроти таа турбулентна енергија на драмата и да создаде бран на страст кој ќе се издигне, ќе се разбранува и плисне во публиката. Ми претставува огромно задоволство и чест да бидам режисер на првото поставување на оваа драма на македноски јазик, преку еден нов и моќен превод на неспоредливиот Драги Михајловски и на мое огромно воодушевување, да соработувам со извонредните уметници од Народниот театар Битола.
Џон Блондел, режисер
* * *

Големи луѓе, пресудни мисли, пресудни чинови, пресудни емоции.Свет на страсти и судбина.Свет во кој лесно и просто се губат животи, држави, се менуваат позиции, се напуштаат жените, мажите, љубовниците, се изневеруваат пријателите, се сака власт. Да, по извесно време , сето тоа ќе се изрелативизира, ќе стивне или едно ќе прејде во друго. Но во дното на срцето сепак ќе остане тоа чувство: што е тоа што вистинско? Дали љубовта ја имаше моќта за промени?Антоние и Клеопатра на Џон Блондел е изведба на промени. Примамлив естетски концепт: во првата половина претставата е комедија, а вториот дел преминува во трагедија.Додека една сцена се претопува во друга, се доловува филмскиот ритам на претставата, како и нејзиниот надреален карактер- ликовите со промената на атмосферата се претвораат во некој друг- лик, сепак постепено приближувајќи се до сопствената пропаст.Крајниот резултат и призор на сцената (кореографски, костимски, сценографски и музички) даваат силна драмска моќ. Да се чита Шекспир, да се режира, да се игра и да се гледа e животна философија.

Билјана Крајчевска, драматург

HAPPY END

Идо Нетанјаху
Happy end

Режија: Благој Мицевски
Превод од англиски: Ана Василева
Драматург: Оливера Павловиќ
Сценографија: Валентин Светозарев
Костимографија: Благој Мицевски
Музика: Марјан Неќак
Светло: Илија Димовски
Видео: Антонио Божиновски
Фотографии: Александар Буневски
Дизајн: Александар Митровски

Играат:

Леа Ердман: Кристина Христова Николова
Дитер Крафт: Огнен Дранговски
Марк Ердман: Марјан Ѓорѓевски
Ана: Викторија Степановска Јанкуловска
Ханс Ердман: Александар Копања
Марта: Катерина Аневска

Инспициент: Мирко Лазаревски
Суфлер: Радојка Димеска

Премиера
Јуни 2015

Во претставата се користени и песните “Разговор” од
Блаже Конески и “Музеј” од Никола Маџиров
Во основа, драмскиот конфликт во пиесата „Среќен крај“ актуелизира еден проблем, карактеристичен за современиот човек – проблемот на интерпретација на стварноста надвор од сопствениот живот и сопствените претстави за него: како непрепознавањето или несакањето да се препознаат знаците на времето во кое се живее се одразуваат на човековиот личен, внатрешен и семеен живот и како барањето начин да се реализира сопствениот живот во атмосфера на некој вид самоизолација од стварноста изнаоѓа (не)соодветен одговор на таа стварност.
Дејството на пиесата на израелскиот драматург, Идо Нетањаху, нe води во атмосферата на едно навидум друго време од ова денешното – 30-тите години на XX век во Германија. Берлин живее живот на европски центар на културата, кафеата, театрите, салоните се полни со гости, ноќниот живот страсно се излева на неговите улици. Едно еврејско семејство, слободоумно и добро ситуирано и интегрирано во тој „фасцинантен хаос од идеи“, како што вели еден од ликовите, заљубено во тој град, не сака да го види очевидното – реалната опасност по нивните животи од галопирачкиот нацизам…
Преку постојан судир на надворешната стварност и внатрешниот свет на ликовите, авторот на пиесата, гради драма на непрекината тензија во односите, животна криза од која ликовите не излегуваат – застанати пред судот на основните морални и егзистенцијални прашања за сопствените животи. Преку класичен љубовен триаголник, тој дури ги воведува и во игра според мелодрамско сиже, но само формално. Всушност, дејството се развива во драма за она што се нарекува вистински и веродостоен живот: дали страста за животот и слободниот избор да (не)се прифати предизвикот на стварноста ќе доведат до среќен крај.
Оливера Павловиќ

ГЕНОЦИД

Режија: Љјубиша Георгиевски
Сцена и костими: Мери Георгиевска
Музика : Марјан Неќак
Светло: Илија Димовски
Тон мајстор: Николче Терзиевски
Играат:
Хекуба:Габриела Петрушевска
Агамемнон: Петар Мирчевски
Полковникот: Слободан Степановски

Инспициет: Мирко Лазаревски
Суфлер: Радојка Димеска

Премиера: 14.03.2015

Оваа драма во седум слики ни ги прераскажува сите наши приказни за уривањето, за злосторствата, за мирот и војната, за вистината и лагата, за мажот и жената, за минатото што ужасно трае во СЕГА, за човековите страсти и порази, за погубноста на погубувањето. За тежината на овој текст да биде уште поголема , Георгиевски го посветува на „Македонските мајки кои раѓале по едно чедо повеќе отколку што крвниците можеле да потоморат“.Овој театар не остава ниту еден момент на празнина, ниту каква било сенка која лута по ќошевите на сцената. Овој е театар на којшто театарот му се радува
Драматург: Билјана Крајчевска

БОЖЕНСТВЕНА КОМЕДИЈА

Режија: Александар Исаков

Асистент на режија: Јован Ристовски
Превод од руски: Оливера Павловиќ
Сцена: Валентин Светозарев
Костими: Благој Мицевски
Музика: Марјан Неќак
Кореографија: Јагода Димовска
Светло: Илија Димовски
Видео: Сергеј Светозарев

Играат:
Создателот – Борис Чоревски
Ангелот А – Душко Јовановиќ
Ангелот Д – Филип Мирчевски
Ангелите: Б,В,Г – Александар Копања
Петар Спировски
Александар Стефановски
Адам – Борче Ѓаковски
Ева – Сандра Грибовска

Инспициент: Митко Ивановски
Суфлер: Зорка Ѓаковска

Премиера: 28.02.2015 година

Долгогодишниот соработник на Народниот театар, гостинот од Русија, Александар Исаков, е заслужен артист на Русија, главен режисер на Санкт-Петербургскиот државен театар на музичка комедија. Раководител е и професор на катедрата за режија и актерска игра на Санкт-Петербургскиот хуманитарен универзитет на професионалните сојузи.
Претставата „Божествена комедија“ од Исидор Шток е негова четврта постановка во Народниот театар во Битола. Неговата соработка со овој театар започнува во 1997 год. со постановката на претставата „Женидба“ од Н. Гогољ. Потоа следуваат претставите „Патувам, патувам…“од Н. Кољада (2001) и „Минхаузен“ од Г. Горин (2011).

Иако насловот „Божествена комедија“ во нашата свест е неразделно засекогаш поврзан со името на славниот Данте Алигиери, оваа претстава нема никаква врска со неговото дело. Инспирацијата за истоимената пиеса, советскиот драматург Исидор Шток ја добил од серијата весели цртежи-графики на францускиот уметник Жан Ефел, издадени во четири албуми (1984) под назив „Создавањето на светот“. Ефел на оригинален начин, остроумно и духовито ја прераскажува библиската верзија на создавањето со коментари за најшироката читателска публика. Од тие мотиви, Шток гради иронично и во исто време лирско драмско дејство, во чиј центар на случувања е љубовта меѓу мажот и жената.

О. Павловиќ
* * *

Претставата „Божествена комедија“е – приказна за раѓањето на љубовта на земјата. Ниеден рај не може да ги замени тие чувства. А што ако Адам и Ева не го пробаа забранетиот плод, ако не се уплашеа од Божјиот гнев? Немаше да се родат нивните деца, и децата на нивните деца. Немаше да ги имаме и ние денес. И, секако, немаше да се појави нашата претстава.

Александар Исаков

КОКОШКА

Автор: Николај Кољада
Режија: Маријан Ѓоргиевски
Сцена: Валентин Светозарев
Костими: Благој Мицевски
Драматург: Оливера Павловиќ
Светло: Димче Спасевски

Играат:
Јулијана Мирчевска
Катерина Аневска
Соња Ошавкова
Александар Димитровски
Николче Пројчевски

Испициент : Митко Ивановски, Димитар Михајловски
Суфлер: Радојка Димеска
премиера: 09.02.2015

Николај Кољада – „сонцето на руската драматургија“, како што самиот еднаш се нарече, и како што го нарекуваат, кој иронично, кој со уважување, театарските дејци ширум светот – веќе три децении предизвикува голем интерес во театарскиот свет. Неговите пиеси се поставувани во најзнаменитите театри во Русија, преведени се на многу јазици и се изведуваат во Германија, Италија, Англија, САД, Швајцарија …

„Феноменот Кољада“ во театарот не е случаен: тој е извонреден драматург – неговите пиеси се интересни за анализа и во нив има за што да се размислува. Кољада е можеби суров во својот натурализам, тој не нуди лажна утеха за животот таков каков што е, но и не го остава човекот без потпора во неговата потрага да се извлече од празнината и небитието. Прифаќајќи ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот светот на сопствените можности како добар свет за себе

Оливера Павловиќ