56. ОХРИДСКО ЛЕТО: “БАР – РЕМАРК”, БИТОЛСКИ ТЕАТАР – ЗА ЉУБОВТА ВО ВОЈНА

08/20/2016

1

ЛИЛЈАНА МАЗОВА

“Бар – Ремарк” на Народниот театар во Битола е добро сложен театар од животни приказни за луѓе кои ги поминале стравотиите и ужасите на војната и нивната неможност/немоќ да се ослободат од сенките/сеќавањата/настаните од минатото. Приказната е за луѓе кои ја одживеале Првата светска војна кои, покрај сеќавањата за ужасите, доживеале љубов. Практично, претставата средишно ја има љубовта – ја раскажува и ја овековечува. Важи за секое време/невреме. За секоја состојба на војна или потоа кога се живее со горчливите настани од неа, ама и љубовта која расте, не стивнува, боли, весели…

Претставата е работена по прозата на Ерих Марија Ремарк, а адаптацијата и режијата се на Александар Баргман (Русија). Првата изведба/премиерата ја имаше на 56. Охридско лето (3 август, 2016), во Предворјето на “Света Софија”.

 

2

“Бар – Ремарк” е и единствената премиерна претстава на годинашното Лето. И најуспешен, најдобар, најтеатарски настан на Летово (барем засега, во очекување на последната во годинашната програма “Спобудалената локомотива”, продукција на Драма на Словенско народно гледалишче од Љубљана, на 18 август).

“Бар – Ремарк” се одигра на просторот на целото Предворје на “Света Софија”, исполнето со сценографски реквизити пред и зад сводовите и на горниот дел од зданието. Раскошно искористениот простор е сценографското решение на Валентин Светозарев, разнообразно сложените и удобни костими се на Благој Мицевски, одличната музика е на Марјан Неќак.

Режисерот Александар Баргман “распостилајќи” ја приказната на различните нивоа на целта – војната, луѓето, љубовта – до најдобрата/највисока цел на реализираната идеја врз основа на приказната на Ремарк, доследно ги следи сложените цели. Во таа раскошно поставена театарска цел, режисерот силна поддршка има меѓу одличните актери. Отворил можност да се доживува и како актерска претстава, иако во неа сè е сложено на меѓусебна доверба, талент, цел.

Секој од актерите е е свој во ликот, и сите заедно моќно го развиваат дејствието. Според редоследот во програмката, тоа се актерите Огнен Дранговски, Катерина Аневска, Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Петар Мирчевски, Борче Ѓаковски, Филип Мирчевски, Маја Андоновска, Александар Копања, Јулијана Стефанова, Александар Стефановски, Елена Моше и Борис Чоревски. Шминката е на Сашо Мартиновски, а дел од претставата е и професорката по пијано Јана Четелева Белевска.

Силната актерска екипа создава силна претстава за љубовта во војна. Режисерот адаптацијата на прозата на Ремарк во театар, ја сместува во атмосфера на бар во кој секој е со својата приказна, како дел од приказната на Ремарк. Така и театарската приказна за идентификација со времево и времињата во кои војните и кризите никогаш не завршуваат е, практично, емотивна ама и сурова вистина/игра на помалку или повеќе изгубени луѓе кои се дел од толпа со која некои други можат да владеат.

 

C2E6D6DFC838634FA2E811AA4BF1E56A

Во тоа/ова никакво време, чувствата се единствената можност да се преживее. Преку таа желба се преживее и најстрашното, зашто непресушната желба да се живее, да се верува во другиот, да се љуби е вечна човекова битка со времето и со себе.

Интересно силно и доживеано е чувството што актерите го спроведуваат и кое допира до гледачот. Сложениот и исцрпен процес на работа бил во насока секој да остане и свој во ликот што го игра. Во тоа е моќта на целата изведба. На она што сите заедно го создале “како во еден здив”, иако посебноста на секој е битна во секој миг од претставата. Така е дојдено и до резултатот: целосен театар во кој се доживува секој настан. И од актерите и од гледачите.

 

Превземено од глобусмагазин.мк