СОНЕТИ – РЕЖИЈА АНГЕЛЧО ИЛИЕВСКИ

Вилијам Шекспир
Превод: Драги Михајловски
Режија и драматизација: Ангелчо Илиевски
Драматург: Билјана Крајчевска
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимографија: Благој Мицевски
Композитор: Дарија Андоновска
Кореографија: Јагода Димовска

Инспициент: Димитар Михајловски
Суфлер: Зорка Ѓаковска
Светло: Илија Димовски, Игор Мицевски
Тон мајстор: Николче Терзиевски
Фотографија: Коста Дупчинов
Премиера: 18 април 2016

Улоги:
Поетот: Петар Мирчевски
Младото момче: Филип Мирчевски
Црната дама: Габриела Петрушевска
Младата дама: Викторија Степановска – Јанкуловска
Поетот соперник: Огнен Дранговски
Инспекторот: Иван Јерчиќ

Да се работи текст на Вилијам Шекспир е во исто време и предизвик и задоволство, но кога станува збор за неговите Сонети, тоа е многу повеќе и од предизвик и од задоволство, тоа е исто како да истражуваш космос, да создаваш космос, да откриваш свет помеѓу световите, да навлегуваш во најинтимните делови и на авторот и на себеси. Океан од емоции, состојби, копнежи, таги, болки, среќи… љубов. Огромен предизвик за мене беше најпрво да создадам јасна приказна, со јасни и силни ликови и развој на нивните односи и сето тоа да стане јасно само преку Сонетите, без ниеден допишан збор, а понатаму на мој личен начин истото да го преведам на сцена-во еден магичен свет, мистичен свет, свет со една поинаква логика, каdа се меша свеста со потсвеста и што се случува кога ќе настане хаос во мислите и во тој неред од мисли да се создаде некаков ред. Многу внатрешни гласови, гласови кои не можат да се запрат, гласови кои оживуваат и убиваат, гласови од кои се заспива и кои го убиваат сонот. Приказната е раскажана низ ликот на Поетот и Црната Дама. Низ нивните сеќавања, животни ситуации, болни теми, се до нивното конечно спојување -вечноста. Во претставата се подвлекува линија и на надворешниот најстрашен глас, власта, која никако не може да остане мирна со творештвото на Поетот кое говори големи вистини. Прашање е како таа ја препознава и дали ја препознава. Оваа линија не најважна во претставата, но истата е ставена во контекст кој отвора прашања, многу битни за еден уметник. Сепак, претставата е наш личен силен крик за искрена љубов, љубов во најширока смисла на зборот, што значи некого да се љуби безусловно, да се чека вечно, да се проговори за пропуштените моменти, за направените грешки, за лузните кои ги носиме во животот, за тоа колку сме спремни да донесуваме големи и важни одлуки, за тоа колку грешиме и колку сме спремни да простиме. Низа од прашања и многу одговори. Оваа претстава за мене е многу важна, зашто без никакви двоумења отвора најинтимни и најосновни човечки емоции и состојби во ова толку гнасно, одвратно, лицемерно, дволично време и само сака да потсети и проговори за едни искрени чувства на кои веќе одамна почнавме да забораваме, како што почнавме да се забораваме и себеси…

Ангелчо Илиевски, театарски режисер

Шекспир е поет во драмата и драмски писател во поезијата.
Сонетите на Шекспир, 154 на број печатени во 1609-та, даваат возможност да нурнеме во неговото поетски и драмски силно современо видување за контемплацијата на вечната љубов, за смислата на животот, за убавината, осаменоста, за копнежот.
Така секој негов сонет е краток монолг во кој е содржан силен внатрешен конфликт и тоа на теми кои и денес се интриган
тни (прашањето на човековиот идентитет, преиспитувањето на меѓучовечките односи, постоењето на моралните и духовните вредности овде и сега итн.)
Можеби оваа комплексност и отвореност за нивното толкување е една од првичните идеи на младиот режисер Ангелчо Илиевски да се постават на сцена (за прв пат кај нас во Македонија) како комплетна претстава „Сонети”, едновремено и како негов авторски драмски текст чија драматизација се темели само врз колажирање на 30 Шекспирови сонети кои вклучуваат и две поеми на Кристофер Марлоу. Оттука се исцрпени шесте драмски лика (Младото Момче, Младата Дама подоцнежни Поетот и Црната Дама, потоа ликот на Поетот соперник и Инспекторот) што во драмското време (испрплетено од сегашноста и минатото) го играат животот, живот што не може да заврши, живот пропуштен поточно заробен во чекањето, односно од перспективата на Поетот тоа е живот што служи само за доправање на нешто што е сеќавање. Пресретнати од „љубовната драма” на страстното поетско творештво, неисцрпното пријателство, раздорот на отелотворената љубовна муза, се редат собитија кои создаваат силни визуелни композиции со специфична актерска комункација. На прво, овде може да се препознае приказна за ривалството помеѓу генијот на Вилијам Шекспир и оној на Кристофер Марлоу, но тоа е само дел од слоевите што се наѕираат, за сметка на една драма која се обидува да ги презентира денес заборавените, а толку едноставни човечки вредности/доблести/љубов што исчезнуваат засекогаш острастени од емоционалното или рационалното расудување, нешто што својата целосна љубовна смисла може да ја добие само во Есхатонот.
Билјана Крајчевска, драматург