ИСТОРИЈАТ

Првата театарска зграда во Битола е изградена по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша. Нејзината изградба трае долго, од 1897 година, кога се поставени темелите, до 1906, односно 1908/1909 година, кога најпосле е завршена и сцената. Зградата е користена за сите видови приредби, од естрадни и циркуски до театарски. Првиот професионален театарски ансамбл во неа работи од 1910 до 1912 година, кога пожарот целосно ја уништува. Потоа театарските претстави се одржуваат на повеќе локации во градот, најчесто во Гранд-хотел. Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градско позориште, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.

 

Воените операции околу Солунскиот фронт ја запираат активноста на оваа трупа во Битола (во текот на 1915 година трупата ќе се префрли во Солун, па во Воден). Но, тие на градот ќе му создадат една од највиталните театарски легенди: големата Сара Бернар, посетувајќи ги и забавувајќи ги француските војници стационирани околу Битола, на молба од турскиот паша (непријател!), наводно и за граѓаните одиграла една претстава. Барем засега, оваа легенда не е поткрепена од никакви театрографски факти.
Втората фаза во развитокот на институционалната/професионална театарска дејност во Битола е датирана од 1918 до 1926/1929, кога, со променлив успех, повторно функционира српското Градско позориште. На местото на изгорениот турски театар во 1926 година е подигната новата театарска зграда. Во периодот од 1926 до 1929 година театарот, постојано недоволно субвенциониран од државата, функционира како организациски дел на скопскиот театар, додека сосема не згасне.