НА ОТВОРЕНО МОРЕ

Датум:

октомври 17, 2023

Време:

8:00 pm

Локација:

Народен Театар Битола

За претставата „НА ОТВОРЕНО МОРЕ“

Во морето на бесконечните политички игри на студената војна во шеесеттите години на минатиот век, славниот полски драматург Славомир Мрожек ја напиша пиесата „На отворено море“ (1961), барајќи проверка на прашањата што, отсекогаш и тогаш, суштински го засегале човештвото. Како е тоа да се биде човек во, условно кажано, нечовечки околности – на пример, тројца луѓе, по бродолом, да се најдат на сплав на отворено море – самите со себе и со другиот и без ништо друго. Во еден духовит текст, полн со иронија и хумор (црн!), ликовите создаваат и развиваат ситуации во кои препознаваме модел на човештвото во минијатура, светот во кој што живееме, ограничен на мал простор и на несигурни темели. Во атмосфера на апсурдно поигрување со врвните идеи на човештвото, слободата на личноста, солидарноста со другите, одговорноста пред светот…, ликовите, користејќи ги политичките методи, избори, дискусии и сѐ друго, се доведуваат во ситуација во која ја проигруваат можноста да станат (почо)вечни, останувајќи заробени во страстите на егоизмот, рамнодушноста, стравот…

И, каде сме ние, човештвото, денес? На истото море, кое премина во океан од настани за кои веќе нема коментар, нема критериум според кој ќе бидат верификувани, најмалку политички метод за утврдување на нивниот човечен карактер, односно достоинство дека се резултат на човечка култура и цивилизација. Затоа, ликовите на Мрожековата пиеса, ги ставивме во драмски услови во кои тие „ќе ја надминат“ апсурдната ситуација во кои изворно беа ставени. Нашата денешна животна реалност ја премина секоја апсурдност на драмските дејствија во пиесите на апсурдистите. Идејата да се спои драмскиот свет на апсурдната комедија од минатиот век со нова драмска ситуација – во која доживувањето на апсурдот е веќе рудиментарен израз на човековото битие, создаде можност да се одигра нова игра, во нов смисловен и хронолошки контекст. Носејќи ги славните Мрожекови патници на туристичко патување што нуди автентично доживување на бродолом, како врвна атракција на еден брод, копија на славниот „Титаник“, го сменивме ракурсот на гледање на нештата – апсурдната егзистенцијалистичката драма на човекот што ја изгубил смислата на постоењето е проиграна од чувството на таква егзистен-цијалистичка криза на битието, што криза веќе и не се доживува – безнадежно изгубени на сплавот што бескрајно (п)лута (никако да потоне!), на бродолмците не им останува ништо друго, освен да си поиграат (живот!) додека играта трае. Прашањата за тоа зошто упорно трчаме по бродот што тоне и на сплавот на отворено море, остануваат да висат во воздухот. На вечното патување на отворено море.

                                                                                                                                                                                                                                                                     Оливера Павловиќ,  драматург

Измината претстава
Вкупно места: 20 (20 Лево)
  • Народен Театар Битола
  • Широк Сокак бр.60
  • Битола
  • Битола
  • 7000
  • Македонија

Event Schedule Details

  • октомври 17, 2023 8:00 pm   -   9:30 pm
Споделете
ДОДАЈТЕ ВО ВАШИОТ КАЛЕНДАР