АУДИЦИЈА

АУДИЦИЈА од  Александар Галин

превод од српски: Сузана Киранџиска

Режисер: Благој Мицевски

Драматург: Оливера Павловиќ

Сценограф: Валентин Светозарев

Костимограф: Благој Мицевски

Избор на музика: Благој Мицевски

Светло-дизајн: Илија Димовски

Светло-мајстор: Игор Мицевски

Тон-мајстор: Николче Терзиевски

Шминка и фризура: Сашо Мартиновски

Фотографија: Александар Буневски

Инспициент: Димитар Михајловски

Премиера: 14.12.2019 год.

Улоги:

НИНА КАРНАУХОВА – Јулијана Стефанова

ВАРЈА ВОЛКОВА – Соња Михајлова

ЛИЗА ВОЛКОВА – Александар Копања

ТАМАРА БОК – Марија Стефановска

АЛБЕРТ – Соња Ошавкова

ОЛГА ПУХОВА – Јулијана Мирчевска

ТЕЦУЅИН АОКИ – Борче Ѓаковски

БОРИС КАРНАУХОВ – Петар Горко

ВАСИЛИЈ БОК – Борче Ѓаковски

ВИКТОР ПУХОВ – Васко Мавровски

Александар Галин е еден од водечките руски драматурзи, режисер, сценарист и актер. Неговата драматургија се одликува со остар, емоционално наситен, возбудлив јазик. Неговите пиеси имаат цврста сижејна основа, динамични дијалози, ликовите се колоритни, темите што ги обработува и вечни и актуелни. Тој има префинето чувство за времето, за содржините што го одбележуваат, го познава јазикот на кој зборуваат и ритамот со кој живеат луѓето од неговото совремие. Неговите пиеси: „Ретро“, „Ѕвезди на утреното небо“, Кловнот и бандитот“, „Аномалија“, „Аудиција“, „Пациент“ итн. се широко познати не само во Русија туку и во многу земји на светот. Изведувани се на сцената на Кралскиот Шекспиров театар, на театарот „Одеон“ во Париз, на Шилеровиот театар во Берлин. Галин во Русија го нарекуваат „човек-оркестар“ – и самиот повеќе пати бил режисер на своите пиеси во Русија, САД, Италија, a настапувал и како актер. Тој е режисер на два популарни филма – „Плаштот на Казанова“ и „Фотографија“.

„Аудиција“, како и сите пиеси на Галин, ја гради својата драмска структура врз основа на обична животна приказна – овојпат земена од времето на 90-тите години, почеток на преломни општествени промени во постсоцијалистичките земји, време на крајна колизија меѓу „новото“ и „старото“, меѓу сопствените претстави за животот и конкретната животна реалност, меѓу личниот интерес во борбата за егзистенција и сочувството кон другиот. Од тој свет на изгубени животни критериуми и ориентири во животот, во кој нема место за илузии, а, сепак, луѓето сакаат да живеат човечки, авторот гради силна драма за човекот на денешницата, кој во обидот „да постигне нешто“ (што не е „гола егзистенција“) направи од животот постојана аудиција.

Приказната е едноставна и апсурдна до смеа. Или, до солзи. Кој како гледа на човечките промашувања да се разбере самиот себеси. Сите сижејни линии на пиесата се заплетуваат околу објавата за аудиција во локалниот весник на еден мал провинциски град. Објавениот повик: „Солидна јапонска фирма ви нуди престижна работа во елитно ноќно шоу“, за жените од тој мал запуштен град се покажува како реална шанса за излез од животниот безизлез и монотоноста на секојдневието што го живеат, во некој, од нивен аспект гледано, прекрасен и перспективен свет. Во неразбирање, прво – на сопствените животни претензии и можности, а потоа – и на реалниот миг на времето во кое живеат, ликовите на пиесата неминовно стануваат интерпретатори на трагикомични ситуации, доведени до апсурд и гротеска.

Е, сега, колку таквата интерпретација ќе нe насмее, а колку ќе нe заболи, ќе видиме. Почнува „Аудиција“!

 Оливера Павловиќ, драматург