АЖДЕР

Eвгениј Шварц


Превод од руски: Владимир Милчин и Ема Маркоска Милчин
Режисер: Владимир Милчин
Сценограф: Крсте.С Џидров-Џиби
Костимограф: Марија Пупучевска
Композитор: Маријан Неќак
Светло-мајстор: Игор Мицевски
Тон-мајстор: Николче Терзиевски
Видео дизајн: Гоце Веселиновски
Испициент: Димитар Михајловски
Суфлер: Зорка Ѓаковска
Шминкер и перикер: Сашо Мартиновски,
Дилбера Атанасова
Видео оператор: Димитриј Балојани

Премиера: 20.11.2018

Улоги:

Аждерот: Мартин Мирчевски
Ланселот: Огнен Дранговски
Шарлеман, архивар: Петар Горко
Елза, негова ќерка: Викторија Степановска – Јанкуловска
Градоначалникот: Марјан Ѓорѓиевски
Хенрих, негов син: Николче Пројчевски
Мачорот: Јулијана Стефанова
Магарето: Здравко Стојмиров
Првиот ткајач: Петар Спировски
Вториот ткајач: Александар Стефановски
Шапкарката: Марија Стефановска
Мајсторот за инструменти: Филип Мирчевски
Ковачот: Димитар Михајловски
Првата друшка на Елза: Илина Чоревска
Втората друшка на Елзa :Анастазиа Христовска
Третата друшка на Елза: Катерина Аневска-Дранговска
Цвеќарката: Елена Моше
Првиот граѓанин: Александар Димитровски
Вториот граѓанин: Борче Ѓаковски
Првата граѓанка: Соња Ошавкова
Втората граѓанка: Валентина Грамосли
Детето: Никола Стефанов
Продавачката: Соња Михајлова
Апсанџијата: Иван Јерчиќ

ЗА ЕВГЕНИЈ ШВАРЦ И НЕГОВИОТ „АЖДЕР“

Не залудно на земјава испратена
Беше ти, душо моја мека.

Првиот обид да се постави „Аждерот“го направил режисерот Николај Акимов со ансамблот на Ленинградскиот театар на комедија. Но, претставата била забранета веднаш, ден по премиерата, на 4 август 1944 година.По 18 години, истиот режисер го поставил во истиот театар, но „Аждерот“бил забранет еден месец по премиерата. Истата таа 1962 година бил поставен и во Студентскиот театар МГУ во режија на Марк Захаров, но претставата била забранета по 17 репризи. Ни хрушчовизмот не се покажал „подемократичен“ од сталинизмот кога се работело за „Аждерот“, најдлабоката од трите сказни на Шварц. Другите две се „Голиот крал“ (1934) и„Сенка“ (1940).

Но, веќе во 1965 година, „Аждерот“ ги пречекорил границите на СССР. Ученикот на Бертолт Брехт, Бено Бесон, го поставил со огромен успех во Берлин. Претставата се играла до 1981 година и доживеала 580 репризи. Во 1967 година,„Аждерот“ ја доживеал и својата француска премиера, во режија на Антоан Витез, уште еден голем режисер од Западна Европа. А потоа, во 1969 година, во Државната опера во Берлин се одржала премиерата на операта „Ланселот“ (според мотивите на „Аждерот“) од композиторот Паул Десау (уште еден брехтијанец!).

Евгениј Шварц починал на 15 јануари 1958 година и не дочекал да го види успехот на неговата сказна за возрасни „Аждер“ во татковината и надвор од неа. Неговите мемоари најпрвин биле објавени во Франција во 1982 година, а дури во 1990 година во Русија, под наслов „Живеам растревожено“.

Зошто „Аждерот“ денес и овде? Зашто и денес, во 21 век, кај нас и во светот, не силата на Аждерот, туку внатрешното ропство, слабоста на граѓаните и нивната подготвеност да се помират со злото му дозволуваат да царува. Најтешката од задачите пред кои е исправен јунакот, рицарот Ланселот, не е да го победи чудовиштето. На Ланселот му претстои потешка задача, тој треба да го убие аждерот во секој од граѓаните. Возможно ли е да се зачува човештината откако ќе се осознае длабоката несовршеност на луѓето?

Пред крајот на„Аждерот“, Цвеќарката ќе ја изговори шварцовски ироничната формула: Бидете трпелив, господине Ланселот. Ве преколнувам – бидете трпелив. Пелцувајте. Одгледувајте пуздерки – топлото му помага на растењето. Плевелот отстранувајте го внимателно за да не ги оштетите здравите корења. Ако се подразмисли, луѓето во суштината, исто така, можеби, со сите огради, сепак заслужуваат внимателен пристап. Шварц му останал верен на овој став. Кога неколку години подоцна го напишал сценариото за филмот „Дон Кихот“ на Григориј Козинцев, во него прозвучил истиот мотив на „тешката рицарска љубов кон луѓето“.

Дали е можно рицарството денес? Соочени со души без раце, души без нозе, глувонеми души, ситни души, лигави души, проколнати души, запустени души, продадени души, изгорени души и мртви души, наследство што го оставија аждерите од вчера и завчера, дали рицарите нема да бидат принудени да се претворат во аждери? Дали е можно рицарството во нашиот свет? Свет во кој аждеризмот е единствената идеологија пред која се клањаат душите чија немоќ е толкава што се податливи,отруени со омраза, одново да се постројат во толпа која ќе ги згази остатоците од човештината и цивилизираноста.

Нам во театарот ни преостанува обврската да предупредуваме на погубните последици од легитимирањето на аждеризмот како неизбежно зло. Наши сојузници во тој потфат се авторите чии дела ги надминуваат границите на нивните животи. Еден од нив несомнено е Евгениј Шварц.

Владимир Милчин, режисер