БРОД ЗА КУКЛИ

Автор: Милена Марковиќ
Режисер: Кокан Младеновиќ
Превод од српски и драматург: Билјана Крајчевска
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Александра Пециќ – Младeновиќ
Композитор: Димитар Андоновски
Кореограф: Андреа Кулешевиќ
Тон мајстор: Александар Димовски
Светло мајстор: Игор Мицевски
Видео проекции: Владимир Переловски, Филип Ошавков
Шминка: Стефанија Стојчевска
Суфлер: Гордана Михајловска
Инспициент: Димитар Михајловски

Премиера: 05.06.2023

Играат:

МАЛАТА СЕСТРА, АЛИСА, СНЕЖАНА, МАРИКА: Сандра Грибовска – Илиевска
ЗЛАТОКОСАТА, ПАЛЕШКА, ПРИНЦЕЗАТА, ЖЕНАТА: Викторија Степановска – Јанкуловска
ВЕШТЕРКАТА: Илина Чоревска
ГОЛЕМАТА СЕСТРА: Катерина Аневска – Дранговска
МАЈКАТА НА ДЕЦАТА, МАЈКАТА МЕЧКА: Валентина Грамосли
ТАТКОТО МЕЧОК: Петар Спировски
МЕЧЕТО ‒ фино момче и татко на детето на Жената: Мартин Мирчевски
ОРЕЛОТ на ЖЕНАТА (истовремено) ОРЛЕТO: Никола Пројчевски
ЏУЏЕТО СЕЗНАЈКО: Марјан Георгиевски
ЏУЏЕТО СПАНКО: Филип Мирчевски
ЏУЏЕТО ЛУТКО: Живко Борисовски
ЖАБЕЦОТ ‒ познат уметник : Огнен Дранговски
ЛОВЕЦОТ (SВЕРОТ) ‒ мецена: Петар Горко
ЈОВАНЧЕ, ЗАЈАКОТ: Никола Стефанов

„Брод за кукли“ на Милена Марковиќ е приказна за една или за сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија на неостварени бајки. Во случките од својот живот ги препознава образецот на бајките, оние вистински бајки коишто нѐ учат дека животот не е ниту малку убав, дека во животот има и вештерки и зли волшебници и опасни чудовишта и дека сешто може да нѐ чека во некои темни соби на крајот на ходникот, на крајот на ова сѐ.
Сите ние сме во позиција да го преиспитаме нашето живеење и и малкумина од нас сме задоволни од сопствениот живот. Тие бајки без среќен крај го одбележуваат животот на луѓето на овие простори, тука каде што ние живееме, каде сѐ се случи по распадот на земјата, со распадот на економскиот и политичкиот систем и создаде нервозни, гладни и понижени луѓе кои живеат несреќен живот. Таа потрага по смислата на сопствениот живот во серии на неоствареност е нешто што ја прави величенствена оваа поезија на Милена Марковиќ, како литературно така и како сценско дело.

Кокан Младеновиќ, режисер

***

Милена Марковиќ (1974, Белград) е поетеса, драмска авторка, сценаристка, редовна професорка на ФДУ – Белград, со еден збор уметница чиј ангажман ги разорува митовите и стереотипите, ја пресоздава стварноста и егзистенцијалната реалност во моќни и потресни слики.
За нејзината поезија и сценарија има освоено многу награди, а напишала и драми кои со огромен успех се изведуваат на меѓународната и домашната сцена. Добитничка е на специјална награда во Виена за најдобра драма од екс – ју просторите и на три стериини награди за најдобар текст меѓу кои Брод за кукли и Убијци на змејови, а со романот во стихови Деца ја освои наградата НИН за најдобар роман во 2021г.
Драмата Брод за кукли ги извлекува на сцена суштинските проблеми на човекот, неговите стравови и егзистенцијални прашања земени од познат контекст – бајката каде, како што античките трагичари тоа го правеа со митот, и ставени во нов дискурс постепено добивајќи нов идентитет.
Како што ќе каже и самата авторка: „ Најубавите бајки немаат поука. Затоа што не служат за утеха тука за и за возбуда – тие подготвуваат за смрт. “
Брод за кукли – во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип.
Желно да го искуси животот, малото девојче ја отвора вратата од забранетата соба и одеднаш ѕверовите скокаат пред неа и безбедниот свет ѝ пропаѓа – светот во кој мама лесно ги брка „страшилата“, а тато секогаш може да ги испрати скршените играчки на бродот за кукли на некое убаво место,
Оваа интимна приказна на жена – жртва од малечка која сама или советувана одбира да молчи, да занемарува, да биде морално дискредитирана зашто со своите постапки ова злоставување го заслужила.
Жената неверојатно брзо ги менува улогите и егзистенцијалните статуси како Алиса со интензивна желба да избега од домот каде се „правиш на будала кога те штипка дедото: како Снежана – заблудена средношколка меѓу хероин и оружје – машки свет кајшто сѐ се наплаќа со сексуални услуги; како Златокоса, каде најмногу се истакнува токсичноста на патријархатот каде како резултат гледаме млад разгален маж неспособен да живее без родителите – а жената којашто е задолжена за раѓање ја сноси вината зашто од оплодувањето со неговото добро семе се раѓа „дефектно дете“; како Палешка која никако со бакнување на стар Жабец да добие принц; па Жена што нема јајници и затоа е должна да го трпи Орелот и неговите хирови за на крај во шумата Ивица и Марица да ја посетат како Вештерката – пропадната уметница која со својата смрт ќе го заврши ова дело – чекајќи да доплови бродот од хартија за кукли.
„Единствено чудовиштата и уметниците остануваат живи, за нив се раскажува и од нив се плашат луѓето. Понекогаш не победуваат ни оние кои се добро позиционирани на почетокот, туку оние кои имаат чудо. Затоа има уметница во оваа драма. Таа има чудо во себе. Освен што е чудо, таа е и чудовиште “– вели Марковиќ.

Билјана Крајчевска, драматург

© 2023 НУ Народен Театар – Битола / NI National Theatre – Bitola