ЕЛКА КАЈ ИВАНОВИ

Aвтор: Александар Веденски
Режија: Ѕвезда Ангеловска
Асистент на режија: Јован Ристовски
Превод од руски: Оливера Павловиќ
Сценографија: Валентин Светозарев
Костимографија: Благој Мицевски
Музика: Марјан Неќак
Консултант по танци: Јагода Димовска
Светло: Игор Мицевски

Во претставата се користени материјали од делата на Ф.М. Достоевски „Злосторство и казна“, „Младич“ и „Идиот“.

Инспициент: Митко Ивановски
Суфлер: Гордана Михајловска
Премиера: 14.11.2015

Улоги:
Мајката Пузирјова: Менка Бојаџиева
Таткото Пузирјов: Борис Чоревски
Дадилката Настасја: Илина Чоревска
Дуња Шустрова: Елена Моше
Миша Пестров: Иван Јерчиќ
Соња Острова: Соња Ошавкова
Володја Комаров: Борче Ѓаковски
Нина Серова: Јулијана Мирчевска
Петја Перов: Александар Копања
Варја Петрова: Марија Ѓаковска
Беба: Петар Спировски
Надзорник/Полицаец/Судија: Александар Стефановски

,,Да зборуваш апстрактно е сосема лесно, но да ја објасниш стварноста со зборови е многу тешко“ – зен учителот Кјосеи.

Сите некогаш бевме деца… сите некогаш ќе се родат и ќе бидат деца, а сите некогаш и ќе останат деца. Деца под едно сонце, деца на една земја планета, деца на еден Создавач. Залудна е поделбата на Големи и Мали, на Богати и СиромашниЦрни, Жолти или Бели, Умни и Глупави, Боговерници и Безбожници, Убави и Грди, Моќни и Немоќни, Стари и Млади, зашто животот секогаш е живот, смртта е смрт, искуството е искуство, човекот е секогаш човек – онаков каков што е.

Човекот има две страни – темна и светла. Најчесто се плаши да се соочи или да ја прифати најтемната страна во себе и залудно се бори, но кога ќе ја прифати, тогаш станува моќен и се придвижува кон Светлината.

Не можеме да бидеме поголеми од децата за кои пишува авторот Александар Введенски, така само би живееле во илузија дека сме поголеми и од  Сонцето, Земјата, Небото… Или барем да се освестиме дека токму кога мислиме дека сме Големи, тоа се нашите его-состојби, а тие најдобро се идентификуваат во ИГРИТЕ. Животот е игра. Која улога ја играме?

,,Козарев или Магарев?“ (како што вели А.Введенски) Козарев му го вели на Магарев ова, Магарев му го вели на Козарев она, Козарев на… – постојани препирки, што, на крајот, завршуваат во крв.

Од многуте игри се појавува стравот, а најголемиот страв е да се ослободиме од нив и да станеме Ништо на Животната Сцена.

Сè е  игра, а ние постојано ја комплицираме и комплицираме…

Зашто додека живееме, залудно очекуваме нешто од животот, животот се случува во  самото живеење. И тоа не се прераскажува, туку се доживува. Исто како и смртта. Сензација.

Што е со предрасудите, претпоставките, обвиненијата, интригите, осудувањата на туѓите животи? Во споредба со стравот, тие се ништо. Во споредба со големината на Сонцето, се исто така ништо. Само во споредба со твојот, личен живот – се нешто. Значи ли тоа дека си поголем и од самото Сонце? Не. Можеш да бидеш само апсурдно комичен и кога си најфатален со својот став, а најголем во својата болка,  зашто и тоа е игра, каде што треба да се бориш со Сонцето. Ќе победиш? Не знам. Знам само дека Сонцето го победува Мракот, но и без темнината, ќе немаше светлина. Така било, а како ќе биде, повторно не знам.

Сè си мислам дека ние луѓето сме дрвосечачи на самите себеси, а најголемиот апсурд е што речиси секој човек би сакал да има елка, (,,своја елка“ или ,,панделка“…или ,,желка“), а  уште повеќе, таа да е за Божик. Тука сме барем сите еднакви и со тој сон и ќе си умреме.

Ноември 2015
Ѕвезда Ангеловска

 ***

Пиесата „Елка кај Иванови“ од Александар Введенски е едно од најзначајните дела на руската авангарда. Во стилот на овој славен уметнички правец од почетокот на XX век, кој се дефинира како поетика на спротивставување, односно оспорување на традиционалните, класични форми и содржини во уметноста и во општествениот поглед на свет, пиесата на Введенски нуди нова стилско-структурна концепција во градењето на драмското дело, една нова „зачудна драматургија“, каде што акцентот е на онеобичената рецепција на светот – негово согледување од нов агол, со цел да се промени стариот уметнички код и радикално да се влијае на општествениот вкус.

Со нов филозофски поглед на светот, кој се откажува од разумното, т.е. логичното разбирање на светот, тој применува поетика на неверојатното: спој од стилистика на инфантилна наивност, инспирирана од рускиот фолклор, и краен апсурд, бесмислица, во која се бара повисока смисла отколку онаа во традиционално-логичките текстови и „нормалните“ дејствија што тие ги изразуваат.

За таа цел, реализирајќи ја идејата на авангардната литература да го ослободи јазикот од вообичаените стандарди и норми на изразување, Введенски ги истражува новите врски меѓу зборовите, па во текстот има многу примери на нарушување на семантичките врски. Нарушувањата на смисловата и синтаксичката фактура на пиесата, т.е. фонетските и смисловните средства што создаваат чувство на „алогичност“ на текстот – се норма на неговиот јазик. Такви се, на пример, постојаната смена на разговорот, која го обесмислува текот на дијалогот, или случаите на алогично соединување на разни реплики, кои обезбедуваат само привидно единство, дијалози, целосно изградени на обрти итн.

Со таков јазик, за кој не важат законите на секојдневниот говор и размислување, се создава свет што на гледачот му се покажува во необична, превртена форма, во кој се нарушени хиерархијата и системот на традиционални вредности. Во оваа „семејна“ историја се појавуваат деца од 1 до 82 години, дадилка што убива дете, родители што празнуваат во време на смрт… и сите умираат еден по друг. Введенски ја користи смртта како филозофско-естетска категорија што овозможува да се најдеме надвор од времето. Така, еден процес што претставува краен израз на распадот на човекот како ентитет/целина, нè води до обновување, воскреснување на личноста во една нова смисла. Апсурдот во уметничкиот простор што се создава е начин да се дојде до откритие, со чија помош се одгатнуваат и востановуваат изгубените меѓупредметни и меѓучовечки врски. Времето, Смртта и Бог се главните теми на Введенски во оваа парадоксална скаска, која звучи како бладање на Животот пред Смртта, празнична и трагична истовремено.

Применувајќи ја оваа радикална естетска постапка, која води во правец на алогичност на сижето, деперсонализација, апсурдно обликување на ситуациите, црн хумор и метафизичка филозофија, Введенски станува предвесник на еден од најзначајните појави во театарската уметност – прочуениот западен театар на апсурдот.

Оливера Павловиќ